Македонка наместо со сопругот ја венчале со сведокот?!
Една анегдота веќе некое време се врти низ велешката чаршија, а нема потврда дали навистина се случила или е само добра шега.
Имено, наводно пред извесно време, на некоја регистрација во матично, се венчале момче и невеста, која била во веќе поодмината бременост. Сè поминало во најдобар ред, сите мерки за заштита од коронавирусот се почитувале, младите среќни дека почнале ново поглавје во нивните животи, се родило и бебето.
И тука почнале проблемите. Во моментот кога требало да го запишат во матичната книга на родени, таму им кажале дека бебето им е вонбрачно, односно родено во врска која не била крунисана со брак. Како, кога младите пред извесно време, најлегално се венчале?
Дилемата била брзо разрешена, кога забележале дека во изводот од венчаните, невестата била венчана – со сведокот. Грешката се случила кога бракот бил заведен во книгите на венчани. Во графата „сопруг“, наместо младоженецот, по грешка било запишано името на сведокот.