Израел му предложи на Хамас седумдневен прекин на огнот во замена на заложници
Израел му понуди на Хамас седумдневна пауза во борбите во Појасот Газа во замена за ослободување на околу 40 заложници кои ги држи палестинската милитантна група, изјави аналитичарот за политички и надворешни работи на Си-ен-ен Барак Равид, повикувајќи се на два израелски извори.
Во израелскиот предлог, за кој прв пишуваше порталот Аксиос, се наведува барањето за ослободување на заложници, меѓу кои има жени, постари лица и лица на кои им е потребна итна медицинска помош.
Предлогот му беше претставен на Хамас преку катарски посредници, додаде Равид.
Како дел од предлогот, Израел рече дека ќе се согласи на привремен прекин на огнот од најмалку една недела, а исто така сугерираше дека може да ги ослободи палестинските затвореници осудени за посериозни напади врз Израел од оние кои беа ослободени според претходниот договор.
Израелските власти велат дека има десетици такви палестински затвореници кои се стари или болни и би можеле да бидат ослободени како дел од хуманитарен договор.
Ова е првпат Израел да понуди прекин во борбите по договорот од минатиот месец што доведе до седумдневен прекин на огнот и ослободување на повеќе од 100 заложници.
Израелскиот амбасадор во САД Мајкл Херцог потврди дека Израел е подготвен да ги прекине борбите, доколку тоа значи ослободување на заложниците, но не потврди дека е постигнат договор.
„Мислам дека е рано да се каже дали имаме договор или не, Хамас го одби вториот предлог. Тие се надеваат на траен прекин на огнот, но се надевам дека под притисок на она што го правиме на терен, плус притисок од катарскиот тим, ќе се согласат на договор. Сепак, во оваа фаза е премногу рано да се каже дека тоа е постигнато“, изјави Херцог за Си-ен-ен.
Хамас претходно соопшти дека ниту еден заложник нема да биде ослободен додека не дојде до прекин на огнот.