Здравствените работници ќе ја тужат државата ако за два дена не добијат плата, системот на ФЗОМ е под блокада на хакери
Хакерскиот напад врз системот на Фондот ги остави здравствените работници без плата. Иако личниот доход до 10 –ти секој месец им се префрла на вработените во јавните здравствени установи, во петокот на нивните сметки немало пари. Од Синдикатот на Клинички велат дека до нив стигнале голем број реакции, зошто не е пуштена платата. Доколку до 15 –ти до кога е и законски утврдениот рок не им биде исплатен личниот доход, од Синдикатот како прв чекор им посочувале на вработените индивидуално или групно преку нив да го известат Трудовиот инспекторат да извршат надзор и да наложат исплата на плата. Во спротивно ќе го тужат Фондот.
– Знаеме дека во Македонија секој втор човек е задолжен со кредити и има рокови за исплата на тие кредити, а луѓето си ја сработиле својата работа и сега не знам до кога мислат одговорните од Фондот да си ја завршат својата работа и вработените да си ја добијат заслужената плата. И после трудовиот инспекторат тоа им го кажуваме на членовите, ако се одолговлечи работата вработените исто така поединечно или пак групно преку Синдикатот да поднесат тужба до надлежниот суд, изјави д-р Предраг Серафимовски, потпретседател на синдикатот на Клинички.
Од Фондот за здравство не добивме одговор дали ќе се запази законскиот рок и до 15-ти на вработените во јавните здравствени установи ќе им биде префрлена платата.
Веќе една недела не се иплаќаат ниту боледувањата, породилно и рефундациите.