Зголемен водостојот на Охридското и на Дојранското Езеро
За по еден сантиметар е зголемен водостојот на Охридското и на Дојранското Езеро во споредба со вчера, а нивото на Преспанското Езеро е исто како вчерашното, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Со тоа, водостојот на двете езера е повисок од просечниот за април и тоа за два сантиметра кај Охридското, односно за 1,46 метри кај Дојранското Езеро. Нивото, пак, на Преспанското Езеро е за 2,15 метри пониско од просечното и е еден сантиметар под апсолутно појавениот минимум од 841,91 метри надморска висина.
Понизок од просечниот е и водостојот на речиси сите реки во земјава иако кај повеќето од нив бележи благо зголемување во споредба со вчера. Исклучок е реката Струмица, на мерното место кај Сушево, каде нивото е за 10 сантиметри повисоко од повеќегодишниот просек за овој период од годината и е за пет сантиметри повисоко од вчерашното.