Затворени уште 10 нови маркети
Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари. Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.
Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.
Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.
Тој апелира до сите нерегистрирани трговци, да се регистрираат најдоцна до 15 октомври зашто потоа, најави, ќе следуваат засилени контроли.