МакедонијаНајново

Законот за матична евиденција пред Уставен суд 

Уставниот суд  на денешната седница ќе ја разгледа иницијативата на политичката партија „Левица“ за оценување на уставноста на Законот за матична евиденција.

„Левица“, како што  соопшти Уставниот суд, оспорува повеќе членови од постоечкиот Закон за матична евиденција, со кои е предвидено националност да се запише во матичната книга на родените, во матичната книга на венчаните и во матичната книга на умрените.

 – Чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред се поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство, се наведува во иницијавата на „Левица“.

Од Уставниот суд информираат дека се оспорени три члена од Законот, односно зборот националност во изводите, каде покрај основните податоци за раѓање, живеалиште се додава и националноста на новороденчиња, на венчаните и на умрените. 

Претходно, на 29 мај годинава Министерството за правда  донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

Уставниот суд на седница одржана на почетокот на овој месец со времена мерка го стопира упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност, што значи дека Управата за матични книги нема да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.

Од Министерството за правда преку соопштение тврдат дека упатството со кое се воведе графа за етничката припадност во изводите од матична евиденција не е противзаконско.

Токму Законот за матична евиденција на којшто се повикуваше министерот Лога дека упатството е усогласено со него, ќе се дискутира на денешната седница на Уставниот суд, дали е согласно Уставот или не.

Овој предмет е засебен од предметот во кој е донесена времена мерка за оспореното упатство. Уставниот суд по сопствена иницијатива поведе постапка поради сомнеж дека упатството е неуставно и во првата фаза од постапката утврди дека не е почитуван уставниот рок за објавување за тој предмет.

Според информациите од Уставниот суд, се уште се работи на анализа и подготовка на реферат за конечна одлука.

Во меѓувреме, од понеделникот (18.07.2023) Управата за водење на матична евиденција продолжи да издава изводи без графата националност, односно како што беше пред министерот Кренер Лога да го воведе упатството.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons