За прв пат лажна дојава за бомба во училиште надвор од Скопје
Министерството за внатрешни работи информира дека денеска имало дојава за лажна бомба во основно училиште во Крива Паланка. Вакви закани во изминатиот период беа вообичаени исклучиво само за главниот град.
„Денеска (02.12.2022) околу 11.00 часот во Полициска станица Крива Паланка било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште во Крива Паланка е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот“, информира полицијата.
Инаку лажни дојави за бомби упатени се изутрината на електронска пошта и на три скопски основни училишта.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека биле направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училиштата во скопско кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Во текот на вчерашниот ден закани за поставена експлозивна направа преку мејл беа уптени и до две основни училишта, „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 и „Кочо Рацин“ во Центар, како и до осум средни училишта во Скопје.
faktor.mk