Актуелно

Животниот стандард ќе го заштитиме ако се избориме за повисоки плати 

Најновиот бран поскапување на производите во малопродажба, особено кај основните прехрамбени продукти дополнително ја зголеми загриженоста кај граѓаните. Стравот од понатамошен раст на цените уште повеќе се зголеми, а со тоа и дека животниот стандард ќе се намали дополнително. 

Како да се заштити животниот стандард е неминовно прашање, но и дали кон подобар стандард на сите граѓани може да придонесе поголема вработеност, односно поголема ангажираност на работоспособното население. 

Последните податоци на Државниот завод за статистика добиени со пописот спроведен минатата година, велат дека во Македонија работоспособно население на возраст од 15 години и нагоре достигнува 1.525.366 лица. Притоа од нив, 717.769 лица се активното население, односно лица кои работат или бараат работа. Од нив 608.520 лица  се вработени, а 109.249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768.549.

Ваквите бројки според економистите се еден позитивен знак во целиот овој турбулентен период исполнет со неизвесност и нестабилност.

–  Ако воопшто има нешто позитивно како индикатор во сегашната состојба, тоа е релативно ниската стапка на невработеност, која е најниска од осамостојувањето на Македонија. Сепак, тоа не значи дека овој позитивен знак ќе овозможи или ќе обезбеди поквалитетен животен стандард за граѓаните и работниците. Секоја плата која нема да биде зголемена колку што се зголемува инфлацијата значи дека ќе има удар врз животниот стандард на граѓаните. Во услови на инфлација, за жал, цената на поскапувањата ќе бидат платена од работниците или со воведување прогресивен раст на данокот, со што државата ќе се стреми кон прибирање повеќе средства кои потоа ќе може да ги вложи за помош на најсиромашните или подобрување на услугите за сите граѓани – вели Здравко Савески.

И покрај намалувањето на невработеноста, се поголеми и почести се укажувањата на граѓаните дека иако работат, сметаат дека се сиромашни, односно дека немаат доволно средства за релаксација, и дека најголем дел од финансиите ги трошат на основни потреби. Граѓаните посочуваат дека се дополнително загрижени оти со инфлацијата која не зафати последниве месеци парите ќе се трошат само на основни продукти.

Савески за „Фактор“ потенцира дека во нашата земја по инерција како причина за проблемите поврзани со животниот стандард се потенцира невработеноста. Тој додава дека, според него, во последните две години, невработеноста не е проблем во земајва, бидејќи има места за кои се бараат работници, но нема работници. 

– Кога се потенцира невработеноста како бројка, мора да се има предвид дека имаме граѓани кои иако не се вработени, односно не се пријавени, сепак работат, особено од областа на ИТ технологиите. Голем дел од нив работат во странски фирми, и иако не се регистрирани како вработени они сепак имаат примања, па не бараат работа. Сметам дека денеска кај нас не е проблемот во стапката на невработеност, туку повеќе во висината на платите. Ако работниците не се здружат и не си ги бараат правата, не бараат раст на платите, не се изборат за ниво со кое ќе се на изедначат трошоците да им бидат на слично ниво како пред инфлацијата, тогаш ударот сигурно ќе го чуствуваат. Ова особено се однесува на приватниот сектор каде работат најголем дел од работниците, и сочувувањето на стандардот ќе зависи од нивната способност да се здружат и да бараат платите да одговараат на нивото пред инфлацијата – дополнува Савески.

Од вчера престана да важи намалувањето на ДДВ кај дел од прехрамбените производи, па сега тој од нула се врати на пет проценти. Поради ова брашното тип 400, сончогледовото масло, трајното млеко, оризот и јајцата добија нови цени. Дополнително од вчера драстично се зголемија и цените на горивата, каде данокот се зголеми од 10 на 18 проценти, а цената дополнително се зголеми и денеска.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons