ЕДНА ПЛАТА НА КОМПЈУТЕРЏИЈА РЕЧИСИ КОЛКУ ПЕТ НАЈНИСКИ, просечната плата не е вистински приказ на платите во земјава
Највисоката просечна нето плата во земајва е исплатена во сектор Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности и достигнува 82.240 денари. Од друга страна најниската плата достигнува само 17.940 денари и се исплаќа во секторот Заштитни и истражни дејности. Ова се податоци кои ги објавува Државниот завод за статистика во рамки на нивните податоци за движењето на нето платите во земајва.
Бројките покажуваат дека една инженерска плата достигнува речиси колку пет плати за работниците во секторот со најниски примања.
Меѓу дејностите со повисоки плати се и Останати стручни и научни дејности со 52.093 денари, па следуваат производство на фармацевтски производи и фармацевтски продукти со 50.350 денари.
Меѓу најниските плати пак се и Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата чија плата изнесува 20.060 денари, и нешто повисока примаат вработените во секторот Производство на кожа со 20.715 денари.
Економистите потенцират дека просечната плата не е средна плата, и дека мора да се пресметува и средна плата, за да се долови пореалната слика за примањата кај македонските работници.
Здравко Савески за „Фактор“ објаснува дека многу наши сограѓани ги мешаат термините „просечна“ и „средна“ плата и мислат дека податокот за просечната плата значи дека 50 проценти од вработените земаат плата до тој износ, а 50 отсто над тој износ. Тој потенцира дека ова всушност значи средна, а не просечна плата.
– Просечната плата е просек од сите плати, просек на платите од 18.000 денари и 18.000 евра месечно и секогаш е можно платите на работниците да останат исти, а платите на капиталистите и директорите да растат, па тоа да резултира со пораст на просечната плата и со илузија дека ни се подобрувал животниот стандард. Заводот за статистика мора конечно да објавува податок за средната плата. Инаку, граѓаните не можат да добијат јасна слика на која класа ѝ се подобрил животниот стандард во претходниот период – потенцира Савески.
Тој посочува дека работниците мора да ги здружат силите и да бараат раст на платите за подобрување на животниот стандард.
– Ако работниците не се здружат и не си ги бараат правата, не бараат раст на платите, не се изборат за ниво со кое ќе се на изедначат трошоците да им бидат на слично ниво како пред инфлацијата, тогаш ударот сигурно ќе го чуствуваат. Ова особено се однесува на приватниот сектор каде работат најголем дел од работниците, и сочувувањето на стандардот ќе зависи од нивната способност да се здружат и да бараат платите да одговараат на нивото пред инфлацијата – дополнува Савески.