Еден фен за коса, не е индустрија – занаетчиите против индустриската струја
Занаетчиите бараат за нив да се воведе нов тарифен модел со кој ќе плаќаат пониска цена од индустриската, а повисока од онаа која ја плаќаат домаќинствата. Сметаат дека малите занаети се далеку од некаква индустриска гранка која може да се спореди со потрошувачката на електрична енергија која ја имаат останатите дејности. Вакво барање Занаетчиската комора веќе испратила до Владата, а од таму барањето е испратено до Регулаторната комисија за енергетика.
„Една машина не може да влезе во индустрија, едно фенче не може да влезе во индустрија, еден шивачки дуќан не може да е индустрија, чевларот што ни ги поправа чевлите не е индустријалец. Затоа бараме категорично од државата и нема да престанеме да бараме овие бизниси кои се околу 30 илјади бизниси да не се категоризираат во индустриска струја“, рече Агрон Фазлији Претседател на Занаетчиска комора.
Од Регулаторната комисија на овие барања одговараат со тврдењето дека занаетчиите од овој месец ќе добиваат сметки за струја пониски за 20 отсто и не можело да се утврди некоја нова средна цена за занаетчиите.
„Регулаторната комисија за енергетика не може да направи таков вид на исклучок… Доколку се направи исклучок, ќе треба да се зголеми цената на домаќинствата“, велат од Регулаторна комисија за енергетика.
Инаку, во тарифниот систем се дефинирани категории на потрошувачи: домаќинства и мали потрошувачи. Мали потрошувачи се фирми чиј просечен број на вработени во последните две години е помал од 50 лица и има вкупен годишен приход помал од два милиони евра. Цената која од први јануари важи за нив е 10,7 денари за киловат час за евтината и 13,7 денари за скапата струја./Алсат.мк