МакедонијаНајново

Детската клиника ќе прима деца од Украина кои имаат онколошки болести

Министерот за здравство Беким Сали и директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова договориле отстапување на дел од капацитетот на онколошкиот дел од клиниката за децата бегалци од Украина кои имаат онколошки болести, потврди Софијанова за „Слободен печат“.

– Веќе зборувавме со министерот Беким Сали и се договоривме да отстапиме дел  од онколошкиот оддел на Детската клиника, доколку биде потребно да се хоспитализираат деца до 18 години, бегалци од Украина. Доколку пак капацитетот што ќе го намениме за нив се покаже како недоволен, тогаш сме подготвени да пренаманиме и некој од другите оддели во Клиниката. Лекови и цитостатици имаме во доволен број. Дел од нив се обезбедени преку донации, а доколку  се појави потреба за зголемен број на лекови истите ќе се обезбедат преку Фондот за здравствено осигурување,  информира Софијанова.

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска исто така информираше дека Министерството за здравство е подготвено за прием и прифат на онколошки пациенти, украински државјани кои моментално се во Полска, а се деца на возраст до 18 години, за кои може да се понуди третман и лечење во нашите капацитети на јавното здравство. Покрај тоа, Георгиевска во разговор со првата дама на Полска Агата Корнхаузер-Дуда разговараше и за можноста за прием на лица со атипичен развој, кои би можеле да добијат грижа и сместување во институции и семејства во земјава.

Помош и поддршка на децата со онколошки болести и нивните родители ќе им даде и здружението САНО.

– Здружението САНО, за поддршка на пациенти болни од рак, ќе им понуди на родителите чии деца ќе се лекуваат на Детска клиника онкологија бесплатен престој во родителската куќа, која располага со 8 кревети,, три апартмани и плус уште дно легло. Исто така ќе им обезбедиме и психолошка поддршка и се што е потребно додека трае додека третманот, рече Марија Тасев од Здружението.

Досега на клиниката не е пријавен ниту еден пациент од Украина, но имало пациенти со онколошки болести, бегалци од Авганистан и Сирија.

Директорката на клиниката уверува дека приемот на пациентите од Украина нема да влијае врз квалитетот на работа и третманот на домашните пациенти.

– На седми април ќе го отвориме новиот онколошки центар кој ќе биде најголем во регионот. Очекуваме пациенти и од соседните држави, така што место и лекови ќе има за сите, вели Софијанова.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons