Грипот кај децата дава и компликации на дишните патишта
Двајца пациенти од кои едниот на респиратор се на одделот за Интензивна нега на Инфективна поради компликации од грип. Уште осум други болни се хоспитализирани на клиниката бидејќи имаат тешка клиничка слика предизвикана од вирусот. Дете е на кислородна поддршка во Козле а хоспитализирани со грип има и на Детска. Педијатрите алармираат, грипот е сериозна болест со компликации и лекувањето трае две недели. Тој период не треба да одат ниту во градинка ниту во училиште.
-И тој оди со високи температури кои траат неколку дена, кај поголемите деца карактеристично е дека почнува прво со температуа, потоа темература и малаксаност, изнемоштеност а потоа доаѓа сува кашчица. Имаме и тешки случаи со компликации на дишните патишта, односно, пневмонии, вели д-р Митка Тренчева, педијатар
Освен кај децата, грипот предизвикува тешки компликации и кај возрасни кои имаат претходни хронични заболувања.
-Настанува една вирусна пневмонија, која кај пациенти со хронични заболувања ги вади од една рамнотежа која е на стаклени нозе, вели проф. д-р Дејан Докиќ
За неполн месец од грип починаа 6 пациенти кои покрај коморбидитети и не биле вакцинирани против грип. Во сезоната досега Институтот за јавно здравје регистрирал 3500 случаи меѓу кои има и болни со двојни инфекции истовремено – покрај грипот имаат и ковид.
Пикот уште не е дојден а Комисијата за заразни болести препорача задолжително носење на маски во здравствени установи, забрана за посети во болници и вакцинација на ризичните групи.