Во дел од маркетите утринава нема бел и полубел леб
Во дел од маркетите утринава нема бел и полубел леб со што пекарите ја реализираа најавата дека нема да произведуваат леб доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на 33 денари за леб од 450 грама.
Одлуката да се замрзне цената на лебот беше донесена вчера на владина седница, а се укинува и повластената цена на електрична енергија за прехранбената индустрија. Владата се одлучи на ваков чекор откако анализите на Министерството за економија и инспекциските служби покажаа дека има злоупотреби.
По објавата за замрзнување на цената на лебот, од пекарската индустрија вчера изјавија дека прво ќе чекаат одлуката да биде објавена во Службен весник.