БЕСНЕАТ ПОЖАРИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ, ПОВРЕДЕН Е ЕДЕН ПОЖАРНИКАР ОД СТРУМИЦА: Помош стигнува од соседството и цела Европа
При интервенцијата за гаснење на запалена сува трева и ниска деградирана шума во атарот на село Зубово, еден пожарникар, припадник на ТППЕ Струмица, е повреден, односно му е скршено едно ребро, соопштија струмичките пожарникари.
-По извршените лекарски прегледи му е дадена соодветна терапија и е испратен на домашно лекување, стои во информацијата од ТППЕ Струмица.
Инаку во текот на вчерашниот ден струмичките пожарникари имале осум интервенции на запалена сува трева, стрниште, ниска шума, депонии и автомобил.
Борбата со огнената стихија продолжува и денеска. Центарот за управување со кризи соопшти дека претпладнево се активни 6 пожари на отворено и шумски пожари.
Еден од пожарите е во Општина Демир Хисар, каде врз пожарот на Илинска Планина се дејствува со 5 ер трактори – 1 на Дирекцијата за заштита и спасување, 2 германски и 2 шведски. На тешко пристапниот терен на земја пак, гаснат локални пожарникари со поддршка на месно население.
Во меѓувреме, на пожарот кај селата Тажево и Брезница и крак кон Јасен е упатен тим од Унгарија составен од 46 лица со специјални теренски возила и опрема, а заедно со нив ќе гаснат и 50 припадници на Армијата и 20 локални пожарникари, посочија од ЦУК.
Пожарот кај селата Зелениград и Јамиште се гасне со 8 хеликоптери, односно четири од нив гаснат од рано наутро – 1 полициски, 2 Армиски и 1 српски, а останатите 4 полетале пред малку – 2 унгарски, 1 словенечки и 1 чешки. На тешко пристапниот планински терен, од ЦУК велат дека гаснат локални пожарникари со поддршка на 30 припадници на Армијата.
Во меѓувреме, пожарот во атарот на селото Стрисовци од земја го гаснат 35 припадници на Армијата, 10 локални пожарникари како и вработени од Рудник Булмак, ЈКП, ДЗС доброволци од месното население. Од воздух им помага 1 хеликоптер од Чешка. Локални пожари и тим од Национални шуми пак, го гаснат пожарот кај селата Пласница и Латово каде гори трева, грумшки и нискостеблести растенија.
Истовремено, пожарот кај селото Негрево го гаснат 10 припадници на ДЗС и 15 припадници на Армијата кои работат на целосно догаснување на пожарот кој сè уште има внатрешно горење, но од вчера е под целосна контрола.