Арсовска најави „прочистување“ и во други градски јавни претпријатија
Откако на 33-ца вработени им се раскинаа договорите, скопската градоначалничка Данела Арсовска најави откази во другите градски претпријатија, но само за оние кои земаат плата, а не одат на работа. Нема да бидат поштедени и оние кои одат на работа, но не си ги исполнуваат задачите. Арсовска вели дека ова било децениски проблем кој не треба повеќе да се премолчува.
-Се работи за лица кои не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Сега веќе поранешно вработените лица од комуналец, кој во најголем дел биле „рамковно“ ангажирани, преку јавно писмо велат дека целта на локалната власт била да се донесат нови, политичко подобни лица и најавија дека ќе ја бараат правдата на суд.
Ова ги налути дел од функционерите на ДУИ кои упатија и закани до Арсовска. Заменик-директорот на УЈП, Абдул Селами, на Фејсбук напиша: Данела, немој да мислиш дека си нашла „планина без волк“ и можеш да правиш што сакаш.
Градоначалничката очекува институциите соодветно да постапат по заканите.
Инаку, во јануари минатата година Владата усвои план за распределба на 1349 рамковно вработени во државните и локалните институции. Тие пак, беа должни на службениците кои ќе прифатат трансфер да им овозможат соодветна стручна обука за подобрување на вештините – и прекин на работниот однос за оние кои ќе одбијат. Но, од Министерството за политички систем и однос со заедниците, кои беа задолжени за врачување на решенијата, никогаш не се соопшти статистиката колку од овие лица се соодветно распределени.