CNN репортажа за Македонија: Сè уште постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна, одлично вино и без толпи туристи
Македонија е една од последните неоткриени земји на Јужна Европа за масовниот туризам. Ова е недоволно истражен дел од Балканот чија слоевита историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините планини за да создаде збир на регионални култури со цврста посветеност на традицијата и топлото, срдечно гостопримство, се вели во последната репортажата за Македонија која вчера ја објави Си-ен-ен.
„Земјата со 2 милиони луѓе, што е малку поголема од Вермонт, сè уште не ги доживеала толпите туристи кои секое лето го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа. Оние кои се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во додворувањето на таков вид масовен туризам, што би можело негативно да влијае на квалитетот на животот на жителите. Но, тие знаат дека земјата има многу да понуди и дека туристичкиот сектор сè уште има простор за раст“, пишува Си-ен-ен.
Во репортажата се опишуваат „беспрекорно зачуваните византиски манастири, некои стари повеќе од 1.000 години, исполнети со украсни дрвени изработки со инкрустирани бисери, позлатени лустери и антички фрески“.
Исто така, се опишуваат убавините на Охридското Езеро, на националните паркови Галичица и Маврово, на Шар Планина, за посебните културни региони и традиции…Се пренесуваат и претпазливоста на македонските туристички работници Фросина Пандурска-Драмикјанин и Алекандар Богоевски од можната прекумерна комерцијализација на традиционалниот начин на живот.
„Сакаме да задржиме туристи кои навистина ќе ја ценат нашата природа и нашата култура“, вели Драмикјанин.
Репортерот забележал дека во Македонија празот е долг еден метар, дека доматите се со големина на „софтбол“ и дека мирисот на црвените пиперки можете да го почувствувате уште од зад аголот.
Секако, дел од репортажата е посветена и на храната, на ајварот, на скарата, ќебапите, пастрмајлијата, чорбите, ракијата, виното, свежите салати, печеното месо и свежиот леб од фурна.
„Во Старата скопска чаршија посетителите кои бараат сè, од свежи производи до барови и антиквитети, ќе го најдат во сплетот од улички на чаршијата, а можеби и ќе се изгубат по патот. Масите во кафетериите во чаршијата и пошироко се преполни од рано наутро до доцна во ноќта. За патниците кои бараат одмор по долгите ноќи поминати во кафеани и по бројните коктел барови во градот, селскиот предел веднаш зад Скопје е полн со атракции, вклучувајќи ја и жичницата до крстот на Водно. Посетителите можат да изнајмат и кајак по зелените води во кањонот Матка или да ги посетат бројните пештери во кањонот слични на Марс, дом на надреалистички сталактити и редовна станица на глобалната рута за нуркање во пештери“.



