Возачите на ЈСП даваат рок до среда, утре сепак ќе има автобуси
Одлучивме да дадеме шанса на менаџерскиот тим на ЈСП Скопје тоа да го направи во утрешниот ден. Граѓаните да останат мирни, утре ќе можат од своите домови до работните места да одат слободно и без прекин, изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски, со што засега штрајкот кај возачите од јавниот градски сообраќај не е активиран.
Сепак Стојановски истакна дека во среда во 10 часот повторно ќе се соберат.
-Во случај да не биде исплатена платата, ќе биде спроведено тоа што го истакнавме денеска, вели Стојановски во изјава за Канал 5 Тв.
Вработените во Јавното претпријатие „ЈСП Скопје“ се уште немаат земено плата за месец септември.
Преку соопштението кое го испратија во медиумите, од ЈСП пак сметаат дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат средствата со кои се исплаќа плата за вработените во ЈСП.
Градоначалничката Данела Арсовска во изборната кампања ветуваше бесплатен превоз за сите граѓани, но пред извесно време таа кажа дека бесплатниот превоз го ветила кога немало економска и енергетска криза каква што има сега.