НЕ СТИВНУВА ИНТЕРЕСОТ ЗА КУПУВАЊЕ СТАНОВИ, само во првиот квартал за купопродажба на недвижнини свртени 218 милиони евра
Продолжува тенденцијата на зголемена купопродажба на станови во земјава. Дека интересот за купување станови не стивнува покажуваат и податоците од Агенцијата за катастар на недвижнини на Македонија.
Во последниот објавен квартален извештај на Агенцијата може да се види дека во првите три месеци од годинава се направени повеќе договори за купопродажба на недвижен имот во споредба со истиот период минатата година.
Имено, во првиот квартал од 2022 година, во базата на Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 8.012 трансакции, од кои 5.919 продажби на недвижности и 2.093 закупи на недвижен имот. Притоа вкупната вредност од купопродажба на недвижности достигнува 218 милиони евра.
– Споредбено по месеци од овој квартал може да се забележи дека најголем број трансакции има во март, односно во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 3.267 трансакции. Најмалку трансакции се регистрирани во јануари, и тоа 2.091, додека во февруари се регистрирани 2.654 трансакции. Доколку се разгледа обемот на трансакции по месеци и по тип на трансакција, може да се заклучи дека најголем број купопродажби се регистрирани во март, односно 2.437 купопродажби, исто така најмногу регистрирани закупи се евидентирани во март т.е. 830 закупи – се посочува во извештајот.
Што се однесува пак до закупите на недвижен имот, податоците покажуваат дека во првите три месеци од годинава, биле договорини закупи на имот во вкупна вредност од 919.966 евра, а табелата подолу покажува точно каков е интересот за закуп на различи типови.
Фактор веќе објави дека цените на недвижностите изминатиов период драстично се зголемија, за што потврда имаше и во извештајот на Народна банка, каде беше истакнато дека во вториот квартал годинава цените на недвижнините имаат драстичен раст од дури 16,5 отсто на годишно ниво.