ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА: За осветлување на патиштата ќе плаќаме 7,7 милиони евра
Во наредните година дена со енормно зголемената цена на електричната енергија на берзата и со либерализацијата на пазарот, осветлувањето на автопатите, експресните и регионалните патишта, како и она во тунелите ќе го платиме со 7,7 милиони евра.
Јавното претпријатие „Државни патишта“ склучи договор со Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС) за сума од 472.000.000 милиони денари со вклучен ДДВ. За оваа сума за една година треба да чини наплатената електрична енергија за патните правци, клучките, тунелите, наплатните рампи и административните објекти на претпријатието.
Цената по која ќе се плаќа струјата е по онаа дневната на HUPX берзата помножена со профитната маржа од 15 отсто, која патем е најмалата понудена во случајов на ЕДС. „Државни патишта“ не е обврзано да ги потроши целокупните количини, а годишната потрошувачка е околу 12.000 мегавати електрична енергија. Во договорот се напоменува дека е можно инсталирање на нови приклучоци за осветлување на магистралните и експресните правци.
Досегашните расходи на „Државни патишта“ за електрична енергија изгледаа минорни во однос на останатите трошоци за одржување и за изградба на патиштата, но со почетокот на енергетската криза и либерализацијата на пазарот овој издаток станува мошне влијателен за јавното претпријатие кое треба повеќе да мисли како да ги намали критиките за состојбата на патиштата, отколку да плаќа високи сметки за струја.
Од она што можевме да го видиме во структурата на трошоци на претпријатието, за 2020 како трошок за енергија биле платени 82 милиони денари (1,34 милиони евра), додека во 2019 годишната исплата била само 64,1 милиони денари (1,05 милиони евра).
Ова претпријатие својот буџет го темели на наплата од патарини, акциза од горивата и од регистрација на возила, а доколку е потребно се интервенира и со средства од државниот буџет.
Инаку во јануари ЈПДП информираше дека започнало постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето на патиштата, нешто што беше препорачано со уредбата за прогласување на енергетска криза.