Вембанјама продолжува со импресивните партии, Сан Антонио реди победи
Сан Антонио ја забележа деветтата победа по ред откако со убедливи 122-96 славеше на гостувањето кај Феникс, најдобар и овојпат беше Виктор Вембанјама.
Вемби постигна 40 поени, имаше 11 скокови и осум блокади, а на теренот помина само 25 минути. Немаше потреба за повеќе, бидејќи победникот на мечот стана јасен.
Во тимот на Феникс, Букер беше најдобар со 32 поени, но останатите потфрлија, па поразот беше неминовен.
Победи реди и Лејкерс предводен од Дончиќ. Ноќеска беа подобри од Атланта на нејзин терен со 124-114. Словенецот беше најефикасен на мечот со 32 поени, 10 асистенции и осум скокови.
Јокиќ и Мареј имаа одлични индивидуални партии, но Денвер загуби на гостувањето кај Хјустон со 100-110.
Џемал Мареј постигна 38 поени, Никола Јокиќ беше на асистенција до трипл-дабл, имаше учинок од 25 поени, 16 скокови и девет асистенции.
Најдобар кај Хјустон беше Дурант со 23 поени и 12 скокови, Шенгун реализираше 20 поени, имаше и 12 скокови.
Резултати:
Атланта – ЛА Лејкерс 114-124
Шарлот – Кливленд 124-112
Детроит – Вашингтон 122-111
Торонто – Мемфис 102-118
Далас – Индијана 125-122
Хјустон – Денвер 110-100
Феникс – Сан Антонио 96-122
Голден стејт – Њу Орлеанс 138-87



