Научници: Полифенолите од боровинките и брусниците можат да го забават стареењето на клетките
Полифенолите од боровинките и брусниците би можеле да го забават клеточното стареење и развојот на фиброза – замена на здравото ткиво со ткиво слично на лузна – се наведува во истражувањето на научниците од Државниот универзитет во Сургут и Националниот центар за биотехнологија на Казахстан.
Според директорката на Медицинскиот институт на Универзитетот во Сургут, Људмила Коваленко, ефектот на полифенолите врз забавувањето на стареењето на клетките бил најизразен кај боровинките, објави РИА Новости.
Истражувачите анализираа бобинки одгледани во регионот Сургут, во северна Русија.
Полифенолите се растителни соединенија кои, покрај тоа што ги штитат растенијата од штетници, болести и ултравиолетово зрачење, имаат антиоксидантни и антиинфламаторни својства.
Научниците утврдија дека соединенијата што се наоѓаат во боровинките и брусниците имаат потенцијал да ги регулираат процесите на клеточно стареење и развојот на фиброза. Фиброзата вклучува формирање на лузни на ткивото и може да ги зафати белите дробови, црниот дроб, бубрезите, срцето и цревата.
Според Коваленко, истражувањето укажува на можноста за употреба на полифеноли за намалување на ризикот од развој на фиброза и забавување на нејзиното напредување, особено кај белодробната фиброза.
Научниците изјавија дека резултатите од истражувањето би можеле да послужат како основа за развој на функционални прехранбени производи, а долгорочно гледано, и на лекови за третман на фиброза.
Истражувањето е спроведено како дел од проектот на Државниот универзитет во Сургут „Биомедицински решенија за персонализирана медицина“ и е објавено во списанието „Биомедицини“.



