Македонија

Кој ќе плати за државното земјиште, а кој не? Цените од 61 до 438 денари за квадрат

Со предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, нема да има закуп на градежното земјиште во државна сопственост. За промена на правото од користење во сопственост, рокот ќе биде една година

Нема промени во надоместокот за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост, популарно познат како дворно место, а се укинуваат и одредбите за негов закуп. Ова се предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште со кој треба да важи стариот ценовник за откуп на земјиштето, додека сопствениците на објектите над земјиштето што не поднеле барање за приватизација, а немале законска можност да го сторат тоа, нема да добијат дополнителна обврска за закуп.

Според податоците наведени од Министерството за финансии, цената за приватизација на градежното земјиште за индивидуално и колективно домување изнесува 61 денар за квадратен метар, додека за стопански, деловни и комерцијални намени изнесува 438 денари за квадратен метар. Тоа значи дека за приватизација на 100 квадратни метри земјиште за домување, надоместокот би изнесувал 6.100 денари, а за 100 квадратни метри земјиште за стопанска, деловна или комерцијална намена – 43.800 денари, доколку целата површина се пресметува по соодветната цена.

Од Министерството за финансии во изјава за „Слободен печат„ прецизираат дека законските измени не предвидуваат обврски за граѓаните да плаќаат закуп за користењето на градежното земјиште во државна сопственост, кое го користат како земјиште во функција на своите објекти, а не поднеле барање за негова приватизација.

– Напротив, измените се однесуваат и на укинувањето на одредбите за воспоставување закуп на градежното земјиште во државна сопственост, со што граѓаните се ослободуваат од оваа обврска. Сопствениците на објекти, без разлика дали се градени со градежна техничка документација или се легализирани, а кои се наоѓаат на земјиште во државна сопственост, имаат можност под услови и начин определени со Законот за градежно земјиште, да поднесат барање за откуп на земјиштето до соодветната општина каде што се наоѓа недвижноста – велат од Министерството за финансии.

 Кој треба да плати?

Од Министерството за финансии појаснуваат дека со измените не се воведува нов општ рок за поднесување барања за приватизација. Последниот рок за овие барања заврши на 31 декември 2021 година.

– Надоместок плаќаат лицата што ја спроведуваат приватизацијата на градежното земјиште со обврска за плаќање, во согласност со законските услови и решението за приватизација. Започнатите постапки продолжуваат, а во предметите во кои веќе е донесено решение со обврска за плаќање остануваат важечките цени – велат од Министерството.

Предлог-законот предвидува и рок од една година од неговото влегување во сила за поранешните сопственици на неизградено градежно земјиште што воопшто не поднеле пријава за промена на правото на користење во право на сопственост во претходните рокови.

Овие граѓани ќе можат да поднесат пријава до Агенцијата за катастар на недвижности, со потребната документација и под условите утврдени со законот. Дополнително, сопствениците на станови и деловни простории во објекти со етажна сопственост ќе можат да го приватизираат земјиштето под зградата врз основа на катастарските податоци, без да доставуваат геодетски елаборат за таа цел.
Од Министерството за финансии посочуваат дека предложените измени се резултат на проблемите утврдени во практиката, особено во случаите со повеќе сопственици на една градежна парцела, објекти во етажна сопственост и претходно запишани права на користење на земјиштето од правни лица што веќе не постојат.

– Основната цел на предложените законски измени е да се надминат утврдените проблеми во досегашната примена на Законот, да се допрецизираат условите и постапките за приватизација на градежното земјиште и да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и за правните лица – наведуваат од Министерството.

Што ако граѓанинот не го откупи земјиштето?

Според образложението на Министерството, предложениот закон не воведува обврска граѓаните да плаќаат закуп за државното градежно земјиште што го користат во функција на своите објекти, а за кое не поднеле барање за приватизација.

Сопствениците на објекти, без разлика дали тие се изградени со градежна документација или се легализирани, можат да поднесат барање за откуп на земјиштето до соодветната општина, под условите и на начин утврдени со Законот за градежно земјиште.

Во меѓувреме, сите постапки за приватизација што веќе се започнати ќе продолжат, при што се очекува прецизирањето на законските одредби да придонесе за нивно поефикасно завршување.
Предлог-законот сè уште е во собраниска процедура, што значи дека предвидените измени ќе зависат од неговото усвојување и влегување во сила.



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons