МВР за три дена казни 2.720 возачи, уапси 67 лица и одзеде 27 возила: Најмногу прекршоци за брзо возење
Во текот на изминатите три дена (23/24/25.10.2026) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 2720 издадени платни налози, 1360 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 67 лица, од кои седум за возење под дејство на алкохол, 21 за возење без возачка дозвола, осум поради претходно изречена забрана за управување со возило, три поради возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, а едно лице поради возење со брзина поголема од дозволената надвор во населено место.
Во истиот период одземени се 27 возила по член 300-б од Кривичниот законик.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатите три дена евидентирани се 328 прекршоци за неправилно паркирање, како и 57 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 33 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 239 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 23 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а четири заради техничка неисправност. Санкционирани се и осум возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.



