Младите ракометарки во драматична завршница се радуваа против Грција
Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија оствари победа на вториот натпревар од турнирот во Регионалната лига во Грција, совладувајќи ја домашната селекција со минимални 24-23.
Македонските ракометарки брзо го заборавија поразот од Турција и со одлична игра и драматична завршница стигнаа до нов триумф против Гркинките.
Македонија на полувремето имаше предност од 11-9, но во продолжението се водеше целосно израмнета битка. Ниту една од репрезентациите не успеа да се одлепи резултатски, па победникот беше решен во последните минути.
Клучните моменти се случија при резултат 22-22, кога голманката Пауновиќ одбрани пенал на Гркинките, а во следниот напад нејзината колешка Насева спречи чиста шанса на противничките. Одбраните на двете голманки беа огромен поттик за македонскиот состав, кој доби можност да го зададе решавачкиот удар.
Во вистински драматичен финиш, Јусуф се најде во центарот на вниманието, постигнувајќи го победничкиот гол за конечни 24-23 и славје на македонската репрезентација.
Овој триумф е одлична најава за предизвиците што ја очекуваат оваа генерација. На крајот од ноември македонските кадетки ќе настапат на квалификациски турнир за Европското првенство во 2027 година, каде што за противници ќе ги имаат селекциите на Грција, Литванија и Косово.



