Луѓето од 75 земји, меѓу кои е и Македонија, повторно можат да бараат американска „зелена карта“
Американски суд ја поништи забраната за издавање иселенички визи за државјаните на 75 светски земји. Одлуката ја донесе судијката Џенет Варгас од Федералниот окружен суд во Менхетн во Њујорк, пренесе Си-ен-ен.
Судијката оценила дека државниот секретар Марко Рубио ги надминал своите законски овластувања со забраната, донесена со образложение дека ќе го спречи влезот на луѓе кои би користеле социјална помош и јавни бенефиции. Варгас, според образложението, утврдила дека американските службеници во пракса биле упатени да ги одбијат барањата за виза од апликантите, дури и од оние кои можеле да се издржуваат сами, единствено врз основа на нивната земја на потекло.
Во јануари, Стејт департментот го суспендираше издавањето имигрантски визи за земји каде што живее речиси 40% од светското население, а меѓу нив од регионот се најдоа и Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.



