Микроорганизми од Земјата би можеле да преживеат на Месечината
Микроорганизми од Земјата би можеле да ја преживеат суровата површина на Месечината, иако во состојба на прекината активност, покажува ново истражување.
Претходните истражувања укажуваа дека површината на Месечината е премногу сурова за микроорганизмите да можат да преживеат на неа. Поточно, истражување од 2019 година покажа дека ултравиолетовото зрачење и топлината од Сонцето се најголемите пречки за опстанокот на микробиолошкиот живот на површината на Месечината.
Сепак, ова претходно истражување не ја зело предвид заштитата што ридовите и долините би можеле да ја обезбедат на Месечината. Ова би можело да биде особено важно на половите на Месечината, каде што Сонцето никогаш не изгрева високо, оставајќи области кои се трајно во сенка и би можеле да содржат мраз, а можеби и нешто повеќе.
Во новото истражување научниците анализирале три вида бактерии и два вида габи. Сите тие вообичаено може да се најдат за време на вселенски мисии со човечки екипаж, а меѓу нив има и микроорганизми за кои во претходни истражувања било утврдено дека се особено отпорни на суровите услови во вселената. Претходните истражувања покажале дека овие облици на живот се отпорни на вакуум, студ и честички со висока енергија.
Научниците ги споредиле претходно собраните податоци за способноста на овие микроорганизми да преживеат со мапите на Месечината на кои се забележани мерења на ултравиолетовото зрачење и температурата на нејзината површина. Утврдиле дека двата месечеви пола веројатно имаат подрачја во кои микроорганизмите би можеле да преживеат, иако во состојба на прекината активност позната како криптобиоза, во која не би можеле да се движат ниту да растат сè додека не се појават поповолни услови.
На микроорганизмите можеби нема да им треба многу заштита на Месечината.
„Дури и отпечаток од чизма или трага од тркало на ровер може да создаде погодна област за живеење“, изјави за порталот „Спејс“ коавторот на студијата, Прабал Саксена, планетарен научник во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА во Гринбелт, Мериленд.
Мисијата „Артемис 3“ на НАСА е планирано да биде првата во која луѓето ќе го истражуваат Јужниот Пол на Месечината.
„Нашите наоди покажуваат дека треба да бидеме уште повнимателни во врска со материјалите што би можеле ненамерно да ги донесеме со нас додека ја истражуваме вселената и влијанието што би можеле да го имаме“, изјави коавторката на студијата Хедер Греам, органски геохемичар во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА.
Покрај можноста дека мисиите на Месечината донеле микроорганизми таму, научниците додадоа дека е можно и древните космички удари да исфрлиле карпи од Земјата што содржеле микроорганизми, кои потоа можеле да завршат на Месечината.
„Месечината би можела да биде како „замрзнувач“ кој зачувува навистина интересни делови од доказите за минатото на Земјата, доколку тие стигнале до месечевите полови“, рекол Саксена.
Идните експерименти би можеле да тестираат колку добро различни видови микроорганизми можат да преживеат на Месечината.
„Имаме одлична можност навистина да размислиме за границите на животот и колку е отпорен дури и во неверојатно екстремни средини. Месечината е навистина разновидно и интересно небесно тело, а лунарните полови се навистина уникатни области поради начинот на кој можат да заробат испарливи материјали како вода, како и нивната способност да заробат живот“, додаде тој.
Научниците ги објавија деталите за своите откритија на интернет на 19 август во списанието Сајенс адвансис.



