И ДЕНЕС ХАОС НА ТАБАНОВЦЕ: Српските туристи со часови чекаат во колони за да ги платат глобите од „Безбеден град“
Граничниот премин „Табановце“ денеска повторно се соочува со километражни колони, неколкучасовни чекања и тензична атмосфера, откако системот „Безбеден град“ (Safe City) започна ригорозно да се применува и за возилата со странски регистарски таблички.
Најпогодени од новите мерки се туристите, пред сè оние од Србија кои се враќаат од годишен одмор. При обидот да ја напуштат Македонија, полицијата на самата гранична линија им врачува прекршочни платни налози за пребрзо возење евидентирано за време на нивниот транзит низ земјава.
„Долги колони и повеќечасовни чекања има тука на граничниот премин Табановце, каде што странските државјани кои транзитирале низ нашата земја, а биле фатени од камерите на ‘Безбеден град’, сега со часови чекаат во редици за да ги платат сообраќајните прекршоци“, известува новинарот на ТВ21, Аднан Ќаили.
МВР: Законот мора да важи неселективно за сите
Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека метежот е последица на првиот ден од целосната имплементација на овој механизам, со кој се опфатени и претходно забележаните прекршоци.
Според полицијата, на секој возач кај кого е евидентирана неправилност му се издава записник со прекршочен платен налог. Целта на оваа мерка, како што истакнуваат властите, е обезбедување еднаков и неселективен пристап во санкционирањето, без оглед дали станува збор за домашни или странски возила. Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за забрзување на процедурите, а контролата наскоро ќе се прошири и на останатите гранични премини низ државата.p



