ВИДЕО: НАСА објави слики од новиот кратер на Месечината
Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА објави нови слики од кратерот што беше создаден кога горната фаза на ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“ удри во Месечината на 5 август. Кратерот е широк околу 18 метри и длабок помалку од три метри, а сликите откриваат и материјал исфрлен од различни слоеви на површината на Месечината.
Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА објави нови слики од кратерот што беше создаден кога горната фаза на ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“ удри во Месечината на 5 август. Кратерот е широк околу 18 метри и длабок помалку од три метри, а сликите откриваат и материјал исфрлен од различни слоеви на површината на Месечината.
Месечевиот извиднички орбитер на НАСА, познат како „ЛРО“ (LRO), го сними местото на ударот меѓу 11. и 12 август, шест дена откако делот од ракетата удри во Месечината. Пронаоѓањето на местото на ударот вклучуваше соработка меѓу стручни и независни аматерски астрономи од неколку земји. Независните астрономи прво користеа јавно достапни податоци, за да го одредат движењето на делот од ракета, по што Центарот за студии на објекти во близина на Земјата на НАСА дополнително ја усоврши пресметката. И, снимањето морало да биде прецизно до најситната подробност, според инженерите. Тие морале да го навалуваат „ЛРО“ така што неговите камери да бидат насочени кон новиот кратер за време на секое поминување. Вселенското летало се движи околу 97 километри над површината на Месечината со брзина од околу 1,6 километри во секунда. Инаку, „ЛРО“ кружи околу Месечината од едната до другата страна на секои два часа, додека Месечината полека ротира под него.
Времето на фотографирањето беше, исто така, клучно. Доколку камерата ја снимила фотографијата само десет секунди прерано или подоцна, местото на ударот ќе се поместило околу 16 км од центарот на кадарот.
Кратерот е фотографиран од неколку агли и под различно осветлување. Ова им овозможи на научниците да го измерат неговиот дијаметар – проценет на околу 18 метри. Должината на сенката, пак, укажува дека е длабок помалку од три метри. Фотографиите покажуваат темни и светли ленти што се шират од новиот кратер. Потемниот материјал е составен од прашина и карпи коишто се изменети во текот на подолго време – од сончевиот ветер, космичките зраци и ударите на микрометеоритите.
Ударот на „Фалкон 9“ го исфрлил овој површински материјал, според наводите, од длабочина од околу 45 сантиметри. Посветлите ленти околу работ на кратерот се од посвеж материјал исфрлен од подлабоките слоеви на Месечината. Различните агли на сликите се особено корисни бидејќи некои својства на кратерот стануваат видливи само кога Сонцето ја осветлува површината под одреден агол.



