Актуелно

Драматично спасување на Бистрица — извлечени тројца планинари, едниот имал болки во градите

Тројца планинари се евакуирани од непристапен терен на Шар Планина, откако претходно пријавиле дека се заглавени и дека на едниот од нив му се слошило, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите, планинарите останале заглавени на непристапен терен на патот кон врвот Бистрица, а во меѓувреме едниот од нив добил болки во градите и отежнато дишење.

„На 11.07.2026 во 18:46 часот во СВР Тетово, А.Ч.(38) од село Жеровјане побарал помош за него и уште две лица, Н.М. од с.Слатино и Б.А. од с.Глоѓи. Пријавителот известил дека со возило пристигнале до местото викано „Три води“, атар на село Теарце, по што пешки се упатиле кон планината Бистрица на Шар Планина, каде поради тежок и непристапен терен останале заглавени, а притоа оддеднаш му се влошила здравствената состојба со болки во градите и отежнато дишење.

Веднаш по добиената пријава се известени Полициското одделение Теарце и Територијалната противпожарна единица лоцирана во село Лешок. Н.М. и Б.А. успеале да го симнат А.Ч. до местото викано „Бачило“, каде биле пречекани од спасувачката екипа на Територијалната противпожарна единица“ соопшти МВР.

Во акцијата бил вклучен и алпинист-спасител, член на Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упатил кон пријавената локација.

„Во текот на целата акција, ЦУК преку РЦУК Тетово одржуваше континуирана комуникација со пријавителите и ја координираше работата на сите надлежни институции, согласно Стандардните оперативни процедури за спасување лица во животозагрозувачка состојба“ соопштија од ЦУК.

По пронаоѓањето, групата заедно со спасувачите пешки се спуштила до нивното возило, а во 20:40 часот кај местото „Три води“ биле прифатени од полициски службеници од ПО Теарце.

Лицата безбедно се спроведени до регионалниот пат кај с.Лешок, каде пристигнала екипа на Итна медицинска помош од Тетово, при што А.Ч. ноќеска во 00:55 часот со амбулантно возило е пренесен во Клиничката болница Тетово за укажување лекарска помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons