Ќе има и малку сонце, ама носете си чадор — попладне е можен и пороен дожд
Променливо облачно и нестабилно време се очекува денес. На повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер со брзина над 50 km/h. На повеќе места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 60 km/h) и услови за појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната од 20 до 28 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно, во делови од котлината со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 24 степени.
За време на викендов на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во понеделник ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Променливото време, според метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе продолжи до крајот на мај.



