Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин е во посета на Македонија
На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на ФФМ.
Посетата се оценува како потврда за силните односи меѓу двете организации, како на институционално, така и на лично ниво, при што македонската Куќа на фудбалот ужива висок углед во рамки на европското фудбалско семејство. Во состав на делегацијата предводена од Чеферин се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на националните асоцијации.

Првиот човек на европскиот фудбал ќе оствари средби на највисоко државно ниво, меѓу кои и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски. По овие средби, предвиден е и работен состанок во просториите на ФФМ. Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за развој на фудбалот во земјава, со акцент на реализација на инфраструктурни проекти и унапредување на младинските категории.
Од ФФМ потенцираат дека посетата на Чеферин претставува значаен сигнал за поддршката што УЕФА ја дава на македонскиот фудбал, како и дополнителен поттик за реализација на нови проекти и иницијативи, со цел подобрување на условите за развој на спортот на сите нивоа.



