Четири понуди за електричните автобуси: Првите возила се очекуваат веќе во септември
Проектот за модернизација на јавниот превоз во Македонија влегува во клучна фаза. На тендерот за набавка на електрични автобуси, распишан од Министерството за транспорт и врски, пристигнаа четири понуди. Евалуацијата на апликациите ќе започне веднаш по Велигденските празници.
Од Министерството се оптимисти дека овојпат процесот ќе биде успешен:
„Доколку тендерот биде успешен, првите 30 автобуси треба да стигнат во септември“, изјавија од Министерството за транспорт и врски за СДК.МК.
Целиот проект има проценета вредност од околу 51 милион евра, што го прави еден од најголемите инфраструктурни зафати во транспортот во земјава. Ова е втор обид за реализација на набавката, откако минатата година претходниот тендер пропадна поради неисполнување на условите од страна на единствениот понудувач.



