Македонија

Ексхумираната жена од Старо Нагоричане починала од насилна смрт – доктор ја прегледал, но не побарал обдукција

Осомничениот за серија убиства во Старо Нагоричане, Трајко Б., се наоѓа во притворското одделение на затворот во Куманово. Во затворот, како што дознава „Слободен печат“, ќе биде испратен тим вештаци и стручни лица од областа на психијатријата, да ја проценат неговата психичка состојба.

Во меѓувреме на социјалната мрежа „Тикток“ сè уште е активен неговиот профил, на кој многу често објавувал содржини. Првите видеа на профилот се од средината на 2025 година. Карактеристични се и во очи паѓаат оние на кои се гледаат десетици банкноти од апоени од по 100, 50 и 10 денари, наредени на маса или на тепих. Станува збор за десетици банкноти. На друго видео тој симулира дека го брка полиција. Има семејни фотографии и фотографии од училишно табло на кое се наоѓа самиот тој, а има објавено и видеа од големо стадо овци што ги чувал.

Во меѓувреме, според информации на „Слободен печат“, готови се обдукциите на две од жените за кои постоеше сомневање дека се убиени од страна на осомничениот, но резултатите сè уште не се стигнати во Обвинителството. Неофицијално, двете обдукции покажале дека смртта е насилна, вклучително и смртта на 40-годишната жена за која беше побарана ексхумација, а која била погребана пред еден месец. Неа ја прегледал доктор за да ја констатира смртта, но не побарал обдукција, односно не ги видел трагите на насилството.

Дваесет и петгодишникот живеел во селото Малотино, потекнувал од семејство со повеќе деца, бил проблематичен и имал проблеми со законот. Тој имал кривична пријава за кражба на автомобил и за други кражби. 

Трајко Б. е под истрага за сериски убиства во Кумановско. Тој беше уапсен за убиство на 78-годишна жителка на Старо Нагоричане која живеела сама, била претепана и задушена со перница, а постојат индиции дека била и ограбена. Овој случај доведе до апсењето на осомничениот. Друга, 86-годишна жена од селото Челопек, успеала да преживее напад во својот дом, кога некој влегол, ја удирал, ја давел и ја оставил облеана во крв. Кога слушнал случаен шум, напаѓачот избегал. Дел од жените сведочат дека им фрлил ќебе врз главата и почнувал да ги дави.

Се преиспитуваат пет смртни случаи – три од оваа година и два од лани. Заедничко за сите жртви е тоа што биле жени кои живееле сами, пронајдени мртви во своите домови, делумно соблечени, без претходно да биде побарана обдукција, бидејќи првично не биле утврдени траги на насилство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons