Македонија се сеќава на холокаустот: „Сеќавањето е трајна морална обврска”
По повод денот на ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау во 1945 година, со Резолуцијата 60/7, Генералното собрание на Обединетите нации во 2005 година го прогласи – 27 јануари за Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот. Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) потсетува на значењето на сеќавањето како трајна морална обврска и темел за борба против омразата, дискриминацијата и антисемитизмот.
Јануари, како месец, носи силна и трагична симболика во историјата на холокаустот. Во јануари 1941 година започнува примената на Законот за заштита на нацијата во тогашна фашистичка Бугарија – законска рамка што ја институционализира дискриминацијата, исклучувањето и прогонот на Евреите во Бугарија и на окупираните територии.
Само една година подоцна, во јануари 1942 година, се одржува Конференцијата во Ванзе, на која нацистичкото раководство го координира т.н. „Конечно решение на еврејското прашање“ – план за систематско истребување на Евреите.
Убиени беа над 6 милиони или две третини од европските Евреи, што претставува трајно предупредување за опасностите од ксенофобијата и предрасудите.
Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.144 македонски Евреи, кои на 11 март 1943 година од страна на тогашниот бугарски фашистички окупатор, беа депортирани во центарот за убивање Треблинка, во окупирана Полска, од каде никој не се врати. Во нивен спомен и трајно сеќавање, во Скопје е изграден Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
“Холокаустот денес има посебна тежина, особено во време кога живите сведоци сѐ поретко се меѓу нас. Токму затоа, улогата на образованието на младите станува клучна. Тие не се само приматели на знаење, туку и носители на одговорност: да ја бранат историската вистина, да се спротивставуваат на антисемитизмот и дискриминацијата од секаков вид и да придонесуваат за градење општество засновано на достоинство, еднаквост и почит кон секој човек. Да се сеќаваме на холокаустот значи да одбиеме рамнодушност. Да го изучуваме холокаустот и неговите локални димензии значи да застанеме на страната на вистината“, истакна директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо.
Сведоци сме на загрижувачки пораст на антисемитизмот, како и на обиди за релативизирање и ревизија на холокаустот. Искривувањето на историјата не претставува само академски проблем – тоа е директна закана за демократските вредности и за културата на сеќавање.
Негирањето на холокаустот и историскиот ревизионизам го подготвуваат теренот за повторување на грешките од минатото, бидејќи го намалуваат значењето на жртвите и ги нормализираат идеологиите на исклучување.
Изучувањето на холокаустот има исклучително значење, не само како историска дисциплина, туку и како интердисциплинарно поле што ги поврзува историјата, правото, етиката, политичките науки и образованието за човекови права.
Холокаустот е потсетник на тоа колку е важно да се развива критичка свест, да се препознаваат формите на нетрпеливост и да се гради општество во кое предрасудите нема да станат политика, а молкот нема да биде соучесник.



