Македонија и Летонија одиграа реми со малку шанси и без голови
Македонската фудбалска репрезентација одигра без голови против Летонија во пријателскиот меч кој се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Во шестиот меѓусебен дуел против Летонија, Македонија првпат не успеа да победи, избраниците на Благоја Милевски играа помалку резервирано штедејќи ги силите за она најважното, натпреварот против Велс.
Селекторот излезе со комбинирана селекција, дел од фудбалерите кои вообичаено се стартери почнаа од клупата влегувајќи во второто полувреме. Но, на теренот имавме доволно силна репрезентација.
И покрај тоа што влезот беше слободен, на стадионот немаше многу публика, овој натпревар очигледно не беше интересен за нашите навивачи, тие не дојдоа во пристоен број да им дадат поддршка на фудбалерите кои изборија бараж за Светското првенство.
Во воведниот дел од првото полувреме немаше шанси за гол, се играше меѓу двата шеснаесетника, ние ја имавме иницијативата, но не бевме конкретни. Првата шанса ја имавме во 14. минута кога Ристовски шутираше од далечина, голманот Матревикс го одбрани неговиот удар.
Десет минути подоцна Летонија имаше голема можност за гол, Гутковскис биеше со глава од одлична поцизија, но беше непрецизен.
Во 28. минута ние имавме можност со глава, Растодер се закани, голманот на Летонците и овојпат беше поуспешен. Летонците напаѓаа од контри, а при една таква имаа шанса во 37. минута, но Димитриевски беше на висина на задачата.
Во финишот од првото полувреме се заканивме уште двапати, најпрво Барди биеше од далечина, голманот на Летонија одбрани, а по изведениот корнер, Серафимов биеше со глава, Матревикс пак беше поуспешен од нашите фудбалери.
По десет минути игра во вториот дел, Растодер се најде во шанса, но и овојпат голманот на Летонците спречи да поведеме.
Во 70. минута имавме среќа, Икаунекис биеше од далечина, топката заврши во пречката од голот на Димитриевски и отиде во гол аут.
До крајот на натпреварот немаше возбудувања, ниту една од двете селекции не се обиде во финишот да дојде до победата.
Следен предизвик на нашата репрезентација е квалификацискиот дуел со Велс кој го играме во Кардиф на 18. ноември. Овој дуел ќе одлучи дали во баражот за СП ќе одиме преку квалификациите или преку Лигата на нации, што не е неважно.



