Радовишанка е обвинета лажно за пријавување бомба во основно училиште
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи по поднесената кривична пријава од МВР и врз основа на сите обезбедени докази веќе поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Лажно пријавување на кривично дело по член 366 став 4 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
„Осомничената 40-годишна радовишанка, на 29 октомври од Скопје пријавила дека е поставена бомба во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш. Од нејзината електронска пошта, преку мобилниот телефон, испратила порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на училиштето, иако знаела дека не е поставена експлозивна направа во училиштето“, велат од ОЈО.
Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител до Судот достави и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на определени активности кои се поврзани со кривичното дело, односно – забрана за испраќање на пораки со заканувачка содржина.



