Ацевска освои бронзен медал на Светското првенство во џиу-џица во Тајланд
На Светското првенство што се одржува во Бангкок, Тајланд, нашиот борец Катерина Ацевска го донесе најголемиот успех досега за македонската џиу-џица.
Ацевска во сениорска конкуренција го освои бронзениот медал во категоријата +70 кг. За само три секунди до крајот на борбата со германската натпреварувачка Ања Герке, при водство од 8:7 не успеа да биде втора, грешка од кој што секако ќе се извлече поука.
Ацевска во борбата за третото ја совлада Алина Сударикова (АИН, индивидуални неутрални спортисти) со резултат 11:9.
Претходно нашата натпреварувачка триумфираше и против Нанита Намангам од Тајланд со 15:2.
Во оваа категорија златото го освои Швеѓанката Ела Лете, а „бронзена“ е и Хрватката Надина Билјановиќ.
На СП во Тајланд ќе настапи уште еден македонски борец, Данил Николиски (У21) на 13 ноември.



