Норвешка се израмни со Македонија по најголеми победи во мундијалски квалификации
Фудбалската репрезентација на Норвешка на домашен терен во Осло ја декласираше селекцијата на Молдавија со 11:1 и е многу блиску до пласман на Светското првенство во 2026 година. Најголемата норвешка ѕвезда и член на Манчестер сити, Ерлинг Халанд во триумфот постигна пет голови и уште еднаш покажа зошто моментно е еден од најдобрите светски напаѓачи.
Халанд стигна до неверојатна бројка од 48 голови во 45 настапи за норвешката репрезентација. Така, ја премина магичната граница на просек од повеќе од еден гол по натпревар, статистика резервирана само за најголемите легенди на играта.
Во квалификациите за Светското првенство, тој постигна 14 гола и имаше две асистенции во 11 натпревари. Ова е трет пат во неговата сениорска кариера Халанд да постигне пет гола на еден натпревар. Претходно успеа да го стори тоа за Манчестер сити против РБ Лајпциг во Лигата на шампионите и против Лутон Таун во ФА Купот.
Победата на Норвешка е една од најголемите во европски квалификации за СП, сепак не успеа да го надмине рекордот на тогашна Западна Германија која во квалификациите за СП 1970 триумфираше со 12:0 против Кипар.
Норвешка успеа да се израмни на второто место со Унгарија и Македонија. Унгарците во квалификациите за СП 1938 во Будимпешта ја совладаа Грција со 11:1, додека со истиот резултат најдобрите македонски фудбалери во квалификациите за СП 1998, на 9 ноември 1996 година во Ешен славеа против Лихтенштајн.
Најголеми победи во историјата на европски квалификации за СП:
Германија – Кипар 12:0 (1969)
Норвешка – Молдавија 11:1 (2025)
Лихтенштајн – Македонија 1:11 (1996)
Унгарија – Грција 11:1 (1938)