Полска бара активирање на Членот 4 на НАТО
Полскиот премиер Доналд Туск објави дека Полска ќе го активира Член 4 од НАТО, односно ќе побара формални консултации во рамките на воениот пакт. Тој потврди дека овој потег е договорен меѓу него и претседателот Карол Навроцки.
Членот 4 на НАТО гласи: „Страните ќе се консултираат меѓусебно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена“. Членот 4 е одделен од Членот 5, кој е изјава на воениот пакт дека нападот врз една членка е напад врз сите.
Туск кажа дека ги цени сите изрази на солидарност, но дека „зборовите не се доволни“ и дека Полска ќе бара „многу поголема“ поддршка од сојузниците на НАТО.
Според евиденцијата на НАТО, Членот 4 е активиран само седум пати од основањето на НАТО во 1949 година. Последен пат бил активиран во 2022 година. Во тоа време, четири земји членки на НАТО – Полска, Естонија, Латвија и Литванија – повикаа на консултации поради руската инвазија на Украина.
Претходни активирања на Член 4:
Во 2020 Турција кога десетици турски војници беа убиени во напад на сириските владини сили во областите контролирани од опозицијата во северна Сирија
Во 2015 Турција да ја информира алијансата за својот одговор на терористичките напади во земјата
ВО 2014 Полска по руската окупација на делови од украинската територија
Во 2012 Турција откако турски воен авион беше соборен во северна Сирија
Во 2012 Турција откако турски цивили беа убиени од сириско гранатирање
Во 2003 Турција кога побара помош од алијансата за да го заштити своето население од какво било прелевање од војната во соседен Ирак.