Неколку деца се повредени во тешка сообраќајка кај Кичево, се судриле автобус и две возила
Деветгодишно дете е тешко повредено, додека две други деца се полесно повредени во сообраќајка меѓу автобус во кој се превезувале и уште две возила.
– На 17.08.2025 во 10:00 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај с.Длапкин дол, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.К.(44) од село Стрелци, кичевско, патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.П.(47) од Скопје и автобус „сетра“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Ј.(39) од Скопје, информираа од полицијата.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил деветгодишен патник во автобусот од Република Турција, додека со телесни повреди се здобиле Ф.А.Д.(44) од Република Турција, исто така патник во автобусот, 13-годишник од Скопје и И.П.(46) од Скопје, сопатници од возилото „форд“ и 11-годишник од с.Стрелци, кичевско, сопатник од возилото „ауди“, констатирани во Медицински центар Кичево, додаваат од полицијата.
Известен бил јавен обвинител, увид извршила увидна екипа од ОВР Кичево.