Македонка и Србин се удавија на исто место во Халкидики со разлика од неколку часа
Државјанка на Северна Македонија и Србин биле извлечени од морето во несвест во различни делови на Халкидики, а набргу потоа беа прогласени за мртви, пренесува српски Телеграф.
Вчера попладнето, пристанишните власти на Неос Мармарас биле информирани за пронаоѓање на 77-годишна жена, државјанка на Северна Македонија, во морскиот дел на плажата Метаморфоси, на Ситонија. Жената веднаш била пренесена со амбулантно возило во Здравствениот центар Агиос Николаос, каде што била констатирана смрт.
Според локалните медиуми, третиот оддел на пристаништето Неос Мармарас при пристанишната управа Јерисос спроведува прелиминарна истрага за смртниот случај, додека телото ќе биде префрлено во форензичко-токсиколошката лабораторија на обдукција.
Неколку часа подоцна, пристанишната управа Неа Мудања била информирана за откривање на тело на 73-годишен странец, државјанин на Србија, во морскиот дел на плажата Полихронос, во општина Касандра.
Мажот бил однесен во Здравствениот центар Касандра, каде што била констатирана смрт. Истрага има и за овој смртен случај, а телото ќе биде префрлено во судската служба на Солун.