Актуелно

Судењето за убиството на Вања и Панче одложено за 20 септември

Судењето поврзано со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се одложи за 20 септември откако Судечкиот совет при Основен кривичен суд Скопје денеска донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите.

Основниот кривичен суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството денеска донесе одлука да ги спои во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник“ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

На денешното рочиште не беше присутен обвинетиот Љупчо Палевски поради тоа што, како што информираше судијата Ивица Стефановски, Судечкиот совет не бил во можност да го обезбеди присуството на Палевски, поради фактот што обвинението било оценето непосредно пред денешната расправа и не се исполнети законските услови да биде повикан. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons