Актуелно

Нема доволно докази, велат од Кривичниот суд за одлуката упаѓачите во М-НАВ да завршат со мерки за претпазливост 

Кривичниот суд ја објаснува одлуката на осомничените за упадот и нападот во М-НАВ да им определи мерки на претпазливост, откога Обвинителството побара притвори. Од тука велат дека Обвинителството не им доставило доволно докази за делото кое на осомничените им се става на товар, а истовремено судот посочува дека во истрагата се опфатени 8 лица, а само 4 во моментот биле присутни.

По реакциите во јавноста, од Кривичниот суд тврдат дека  постапуваат врз основа на приложените докази и слободно судиско убедување.

Велат дека е неспорно оти се работи за настан кој од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица.

„Потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“, велат од судот.

Понатаму додаваат дека законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека:

„Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“,

Во конкретниот случај, велат од Кривичен, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons