Актуелно

Што предвидува новиот Закон за амнестија? 

Министерството за правда го објави предлог Законот за амнестија.

Од затвор излегуваат сите осудени до 6 месеци,  оние со казни над 6 месеци ќе добијат за 30 oтсто намалени казни затвор.

Амнестијата не важи за лица осудени на доживотен затвор, осудени за убиство, силување, за кривични дела против избори, против државата, јавниот ред и мир, злоупотреба на функции и несовесно работење и за семејно и родово базирано насилство. Амнестијата нема да важи ниту за разбојништво, измами на штета на средства на Европската унија, перење пари, примање и давање поткуп.

Законот нема да важи ниту за избрани и именувани лица, лица кои се бараат со потерница, оние кои биле амнестирани со претходниот закон од пред 5 години и за дела сторени по 1 септември.

Од правда појаснуваат дека целта е да се реши пренатрупаноста во затворите.

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има спротивно тврдење.  Вели опозицијата ниту е консултирана, ниту ќе го поддржи законот во Собранието.

„Тој закон кој што е предложен, а од вчера и на јавноста достапен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие политички партии денеска се од владата и можете да видите дека таквиот закон не одговара ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“, рече Мицкоски.

Министерот за правда, Кренар Лога прикажува една фотографија како се „преоблекуваше“ МЕПСО во стиропор и гипс во рамките на проектот „Скопје 2014“, а другата е лошата состојба на затворот „Идризово“.

„Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада, а немаме леб дома“, што е една од најпознатите изјави во прислушуваните материјали“, пишува тој. 

Опозицијата најави жестока расправа за законот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons