Одбележување на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев
– Со полагање цвеќе на гробот на великанот на македонската револуционерна борба во црквата „Свети Спас“ во Скопје од страна на делегации на државните институции, партии и граѓански здруженија денеска ќе биде одбележана 151-та годишнина од неговото раѓање.
Според најавите, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието, предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, придружуван од пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Љупчо Пренџов.
МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.
Во пресрет на чествувањето на годишнината, кое е оквалификувано како настан од висок ризик, засилено е полициското обезбедување околу „Свети Спас“, при што полицијата ги контролира пристапите до црквата. Полициски сили се распоредени во поширокиот реон околу црквата „Свети Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до неа. Пристап имаат само лица со дозволи.
Уште од четвртокот од 18 часот за сообраќај е затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“, а денеска посебен режим ќе биде воведен и на улицата „Лазар Личеноски“.
СВР – Скопје упати апел до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот, со цел осигурување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Во црквата „Свети Спас“ денеска ќе им биде дозволен пристап само на најавените делегации, а сите други делегации и граѓани кои не се најавени, нема да можат да положат цвеќе за време на државната свеченост.
Надлежните упатија апели за мирно и достоинствено одбележување на годишнината. Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека секој добронамерен кој сака да се поклони на гробот на Гоце Делчев е добредојден, но не и оние кои провоцираат и ги негираат македонскиот народ и држава. Тој потврди дека Владата досега не добила најава дека државна делегација од Бугарија ќе присуствува на одбележувањето 151 година од раѓањето на Делчев.
– До овој момент од Кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе. Секој оној кој е добронамерен, официјална државна институција, кои сакаат да се поклонат на гробот на великанот на македонската национална борба тука во Скопје на достоинствен начин, слободно може да го најават своето учество. Сите оние коишто се недобронамерни, коишто се провокатори, коишто го негираат македонскиот народ, коишто ја негираат македонската држава, коишто ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани тие нема да влезат во државата, рече Ковачевски.
И министерот за внатрешни работи вчера изјави дека на сите најавени делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев тоа ќе им биде овозможено, повикувајќи при тоа на достоинствено чествување.
– Многу е важно да имаме чествување достојно на ликот и делото на Гоце Делчев, во таа функција ги преземаме сите оперативни активности кои ќе придонесат да имаме мирно и достоинствено чествување, да се заштити јавната безбедност, јавниот ред и мир. Тоа е функција на МВР, апсолутно сметаме дека непотребно во изминатиот период се креваа тензиите поврзани со случајот во Охрид, кои не придонесуваат ништо добро во подобрување на односите, напротив сметам дека подигањето на тензиите само дополнително ќе ни ги влошува односите, рече Спасовски.
Тој повика на деескалација на состојбата што, што, како што рече, сакаат да ја влошат неодговорните политичари, групи и поединци, упатувајќи порака и до политичките субјекти и политичарите да бидат одговорни во целиот овој процес.