18.000 денари минимална пензија, зголемување од 3.500 денари и укинување на Сојузот, побараа пензионерите на протестот во Скопје
Усогласување на пензиите согласно објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и минималната пензија да биде 18.000 денари, како и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери, побараа од Иницијативниот одбор на пензионерите од денешниот протест пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Делегација на пензионерите беше примена од надлежните во МТСП.
Барање за минималната пензија да биде 18.000 денари, линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, зголемување на надоместоците. Ова се барањата на пензионерите кои протестираа пред Министерството за труд и социјална политика.
Како што истакнаа на протестот, Сојузот на пензионери не ги застапува интересите на пензионерите и затоа побараа да се укине членарината од 30 денари и средствата за солидарен погреб од 150 денари месечно наместо во Сојузот да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.Пензионерите побараа и оставка од претседателката на Сојузот на пензионери Станка Трајкова. „Нашите барања ќе ги доставиме и до Владата. Бараме линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната пензија да биде 18.000 денари. Бараме да се укине Сојузот на пензионери оти не ги штити нашите интереси. Ние тука сме столбот на Македонија“, порача пред присутните пензионерка од Прилеп.
Пензионерите побараа и двојно да се зголеми надоместокот за туѓа нега, да се зголеми надоместокот за социјална помош на лица кои останале без работа сѐ до остварување на правото на пензија, поведување иницијатива за промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и утврдување на најниска пензија согласно просечната плата и животните трошоци. Покрај тоа, побараа на позитивна листа да се внесат лековите за срцевите болни, за дјабетичарите и за ретки болести.
Во земјава, беше посочено дека има 336.000 пензионери и дека за секој од нив се потребни 42.000 денари на годишно ниво за линеарно покачување на пензиите.
Протестот во Скопје, на кој имаше пензионери од сите краишта во земјава, почна пред Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија со барање за оставка од претседателката по што се упатија кон Министерството за труд и социјална политика за да побараат средба со министерката Јованка Тренчевска.
Драган Угриновски oд иницијативниот одбор, до министерката Тренчевска порача дека е избрана да работи во интерес на граѓаните.
„Пензионерите не се дојдени од што им е добро, туку бидејќи им е лошо. Министерке вие сте избрани да работите во интерес на граѓаните, а не само за лични интереси. На вас не ви е лошо со зголемувањето на платата од 78 проценти. Овие пензионери кои се дојдени гладуваат. Пензионерот треба да има достоен живот. Работел и придонесувал за државата, а сега кога сме во пензија уште малку ни преостанува во овој свет заслужуваме достоинствен живот“, рече тојПосле ова, пензионерите доставија документ до архивата на Министерствот за труд и социјална политика, а брањата јавно беа прочитани.
Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.
Според официјалните податоци во македонија има 334.816 пензионери кои оствариле право на пензија од работничко осигурување. Дпоплнително 60 пензионери земаат земјоделски пензии, а се исплаќаат и 867 воени пензии.
Од нив, 2.714 пензионери во јуни зеле најмала пензија од 11.897 денари. Околу 96.000 земаат до 13.300 денари пензија, до 16 илјади денари пензија земаат над 60 илјади пензионери, додека до 22 илјади денари добиваат над 86 илјади пензионери. 93.000 денари примаат на над 22 илјади пензионери. 1.526 пензионери пак земаат месечна пензија помеѓу 48 и 70 илјади денари.