Хрватска: Очекувавме ескалација од Србија, но не и протерување на дипломат
Министерството за надворешни работи на Србија вчера го прогласи за непожелна личност првиот секретар на хрватската амбасада во Србија Хрвоје Шнајдер бидејќи „грубо излегол од рамката на дипломатските норми“, без да наведе повеќе детали.
Синоќа српски медиуми објавија дека станува збор за „документирано шпионирање и врбување за работа за хрватска служба“. Не се наведени дополнителни информации, ниту извор на тврдењата.
Таблоидот Ало пишува дека српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) „разоткрила хрватски дипломат кој во Белград се обидел да формира мрежа агенти“, а наведуваат дека „контактирал со луѓе од политиката, бизнисот и медиумите“.
„Српската служба подолго време ги следела неговите активности и кога дошла до релевантни докази преземени се сите мерки неговото непријателско дејствување да се сопре“, пишува медиумот.
За случајот синоќа се огласи и хрватското министерство за надворешни и европски работи.
„Министерството изразува жалење поради одлуката на Република Србија да го прогласи за персона нон грата првиот секретар во амбасадата на Хрватска во Белград.
Целосно ја отфрламе основата за протерување на акредитираниот хрватски дипломат. Наведената одлука на Србија претставува чекор кон влошување на меѓусебните односи, како и понатамошна дестабилизација на чувствителните регионални политичко-безбедносни услови во време кога стабилноста на југоистокот на Европа е од исклучителна важност“, се наведува во соопштение.
Хрватското министерство наведе дека се очекувала ескалација на односите пред изборите во Србија, но дека не очекувале протерување дипломат.