Спорт

Фудбалерите се подготвени за нова победа, Казахстан мора да падне во Скопје 

Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток од 20:45 часот го пречекува Казахстан во нов квалификациски натпревар за Светското првенство.

По големото реми во Гент, македонската фудбалска јавност очекува сигурна победа против Казахстан, но токму „добиените“ натпревари знаат да бидат најтешки.

„Секој натпревар е важен, секој следен е најважен, па мечот со Казахстан ни е најважен дека ни е следен. Ќе биде тешко, Казахстан покажа на нашиот прв меч дека е квалитетен тим. Имаат нов селектор, ќе ни биде потешко за анализа и за подготовка, но подготвени сме да одговориме на секој предизвик кој ќе не очекува утре“, вели селекторот Милевски.

„Медицинскиот тим направи се што е во нивна можност да се рекуперираат фудбалерите од тешкиот меч во Гент. Што се однесува до Муслиу ќе чекаме до последниот момент да видиме дали ќе може да настапи. Се надевам дека сите ќе бидат здрави и способни да се стават во функција на тимот и после денешниот тренинг. Се надеваме дека сите ќе бидат подготвени, па и Чурлинов“.

Од мечот меѓу Велс и Белгија ќе зависи дали Македонија ќе може да атакува на првата позиција, но селекторот не размислува за тој дуел.

„Ниту една секунда не сум размислувал за мечот Велс – Белгија, што биде нека биде. Мојот комплетен фокус е на тоа како ние да изгледаме на утрешниот натпревар“.

Херој во Белгија беше Столе Димитриевски кој имаше повеќе одлични интервенции, утре се очекува да има помалку работа.

„Важен меч, очекуваме да дојде многу публика и да ни даде поддршка да победиме. Нашата цел е да излеземе на теренот и да победиме“, вели Димитриевски.

„На секој натпревар јас очекувам ние и да напаѓаме и да се браниме. Белгија е поквалитетен противник од Казахстан и многу не напаѓаа. Во Казхстан напаѓаа исто и тие и ние. Утре очекувам со поддршка од публиката да извадиме поволен резултат, а поволен резултат за нас е само победа“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons