Трамп именува специјален претставник за Белорусија, бара ослободување на уште затвореници
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Џон Коел, кој помогна во преговорите за ослободување на затворениците од Белорусија, е негов избор за специјален емисар во Минск и дека ќе инсистира на ослободување на оние кои сè уште се во притвор.
Трамп го засили ангажманот на Соединетите Американски Држави со поранешната советска држава, испраќајќи повеќе делегации во Белорусија оваа година. Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко е близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
Во септември Белорусија ослободи 52 затвореници по апелот на Трамп, пишува Ројтерс. Тој претходно го повика Лукашенко, кој е на власт повеќе од 30 години, да ослободи 1.400 притворени лица кои американскиот лидер ги опиша како заложници.
„Тој (Коел) веќе успешно преговараше за ослободување на 100 заложници, а сега работи на дополнителни 50“, напиша Трамп во пост на неговата социјална мрежа Трут соушал.
„Би сакал однапред да му се заблагодарам на високо почитуваниот претседател на Белорусија Александар Лукашенко за разгледувањето на ослободување на овие дополнителни лица“.
Ослободувањето во септември беше најголемиот бран на помилувања на затвореници кои ги одобри Лукашенко, кој се стреми да ги поправи односите со САД по години изолација и санкции.
Соединетите Американски Држави ја затворија својата амбасада во Минск во февруари 2022 година откако Путин ја искористи Белорусија како отскочна даска за испраќање десетици илјади војници во соседна Украина.



