Струјата поскапува ? РКЕ e изненадена од одлуката на Владата за поскапување на струјата од ЕСМ

Владата во заминување скрои поскапа цена на струјата од државните електрани. Одлуката зад затворени врати ЕСМ да  продава поскапа  електрична енергија на ЕВН Хоум го изненадила и првиот човек на РКЕ. Марко Бислимоски потврди дека државните електрани понудиле продажна цена од 60 евра за мегават час наместо досегашните 57. Загрижувачки е и тоа што ЕСМ ќе задоволува само 85 отсто од потребите, а останатите количини треба да се купуваат на слободниот пазар каде цената постојано варира, што може да направи сериозен притисок врз новите сметки за струја од 1- ви јули

Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ЕВН хоум на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните, истакна Бислимоски.

Која е причината за повисоките барања од ЕСМ засега нема објаснување. Сања Божиновска, која е предлог министер за енергетика за Алфа објаснува дека оваа цена веројатно е  последица на досегашниот недомаќинлак. Таа најави дека ќе има ревизија на работењето на електраните во изминатиот период и во иднина носењето на одлуките ќе биде транспарентно.

Ќе има ревизија на работењето на ЕСМ и  во иднина се ќе биде транспарентно. Оваа цена нема никаква врска со новата Влада и е врз основа на резултатите од изминатиот период.  Мора да се зајакнат капацитетите на енергетскиот системВо иднина сите набавки кои ќе се случуваат во ЕСМ ќе бидат транспарентни, вели Божиновска 

Од Регулаторна најавуваат дека се прават анализи за уште еден час евтина тарифа, но тоа би се случило на зима, а  не во време на летото кога „ладењето“ носи повисоки сметки.

 Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите“, изјави Бислимоски.

Финалната цена на струјата универзалниот снабдувач треба да ја скрои откако ќе заврши аукцијата на 20-ти јуни, по што крајниот збор треба да го има регулаторот. Досегашната пракса покажала дека никој не понудил поевтина цена од ЕСМ. Влијание  во цената ќе има и профитната маржа на ЕВН со која ќе се калкулира да биде до 9,5 проценти. Она што веќе се знае е дека со новата цена на струјата останува ставката „пристап до мрежа“ која пред половина година удри по џебот на граѓаните за 200 денари фиксно. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons